Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја објави најавата за јавниот повик за Мерката 7 „ Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ од ИПАРД 2 Програмата.
Согласно процедурите од Европската унија, во овој триесет дневен подготвителен период на сите оние земјоделци и агробизнисмени што сакаат да конкурираат, а ги исполнуваат условите, им се дава можност да ја подготват потребната документација за аплицирање на новиот повик.
– Заинтересираните ќе можат да аплицираат за модернизација на постоечките или отворање на нови погони за производство на тестенини, колачи, фарми за одгледување на зајаци, дивеч, насади за дрва и дрвена маса, аквакултурни фарми за слатководна риба, отворање на кино, радиодифузно претпријатие во рурални средини, како што се радио или локална телевизија, сместувачки капацитети како и отворање на ресторани кои нудат угостителски услуги. Согласно програмата 65% од прифатливите трошоци за реализираната инвестиција ќе им бидат вратени на апликантите преку средствата од ИПАРД 2 Програмата.Расположливите средства за овој повик се очекува да бидат помеѓу 8 и 10 милиони евра“, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Мерката 7 овозможува кофинансирање на инвестиции за: Алтернативно земјоделско производство, Производство на прехранбени производи и пијалоци и тоа за следните типови на инвестиции: Производство на не-прехранбени производи, Занаетчиски дејности, Обезбедување на услуги во земјоделството, Развој на услуги за руралното население и Промоција на руралниот туризам.
Николовски и Бабовски посочија дека токму преку оваа Мерка „Диверзификација на фармите и развој на мали бизниси“ се создаваат услови за развој на најмоќниот дел на економијата, а тоа се малите и средни претпријатија кои се моторот на домашната економија. МЗШВ во наредниот период преку сите мерки и политики ќе создава поволна бизнис клима за раст и развој на домашната економија, а еден од начините е токму ефикасната искористеност на мерките од ИПАРД програмата.