Советот на општина Гевгелија на 14.седница донесе Одлука за одобрување на финансиски придонес од Буџетот на општина Гевгелија за проектот за реновирање и адаптација на сместувачки објект во сопственост на општина Гевгелија на локалитетот “Смрдлива вода”.
Имено, со овој проект општина Гевгелија учествуваше на јавниот повик за регионална конкурентност и туризам, кој ја мина првата фаза, а за чија реализација, покрај грантот што очекува да и биде доделен, општината треба да обезбеди 10% сопствено учество.Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) е грант од 18 милиони евра добиен преку Инструментот за претпристапна помош II на Европската Унија и Владин придонес од 3,2 милиони евра и е администриран од Светската Банка, со користење на променливите упатства и постапки на Светската Банка за управување со животната средина и социјалните аспекти, финансиско управување, набавки и поддршка за имплементација.
Сместувачкиот капацитет ќе претставува можност за збогатување на понудата за сместување на посетителите, со оглед на тоа што засега во ова туристичко место постои и работи само еден помал објект за сместување и исхрана за гости – туристи.