Со пристигнувањето на новиот специјален камион за подигање на отпад од полуподземните контејнери, деновиве тие комплетно се ставени во функција и домаќинствата и правните субјекти можат да ги користат.
ЈПКД „Комуналец“ ги монтираше на 6 локации во градот: улицата „24 Октомври“ (кај пицерија Бонита), кај Хотел Вила Парк, улицата „Невена Стојкова“ (позади Хотел Есперанто), кај поранешно Кино Балкан, на двете страни од малиот Градски Парк и на улицата „Братство и Единство“ (до маркетот на Црвена Ружа).
Од „Комуналец“ ги информираат граѓаните дека е строго забрането фрлање на пепел во полуподземните контејнери бидејки може да дојде до појава на пожар внатре во самиот контејнер. За таа цел до секој полуподземен контејнер има поставено жолта канта која служи исклучиво за пепел од домаќинствата и никако за друг вид на отпад.
Исто така, се апелира до граѓаните да не ги паркираат своите возила околу подземните контејнери бидејки се оневозможува подигање на отпадот од камионот со дигалка.
За жал, од одредени граѓани веќе е покажана несовесност и негрижа за животната средина со фрлање на смет околу контејнерите и во контејнерите наменети за пепел. Потсетуваме, сметот се фрла внатре во контејнерите, а не се остава до нив.
Општинската комунална инспекција интензивно ќе биде присутна на терен и секое оставање на смет надвор од овие контејнери ќе биде евидентирано и ќе бидат поднесени пријави против граѓаните коишто го остваат сметот на несоодветно место.