„Јавна соба“ повторно на Телеграм, скопјанка вознемирувана поради монтирани слики
Во нова група на апликацијата Телеграм, повторно со име „Јавна соба“, се објавуваат фотографии, фотомонтажи, податоци од социјални мрежи и телефонски броеви на девојки од земјава, објави Телма.
Групата се појавила викендов, со име „Јавна соба резерва“, а според Телма, на девојка од Скопје ѝ биле објавени податоци од профилот на Фејсбук, заедно со туѓи фотографии со порнографска содржина.
Со часови, на девојката ѝ биле испраќани непристојни пораки и била вознемирувана. Поради големите непријатности, девојката го затворила профилот на социјалната мрежа.
Од сликите на новата група се гледа дека таа има над 1.340 членови, а податоците за оштетената скопјанка ги поставил профил со лажно име „Артун Шелби“.
Ова е третпат да биде отворена група на Телеграм под име „Јавна соба“ на која се споделуваат податоци на девојки, по што тие се малтретирани и сексуално вознемирувани. Често се користат фотографии од разголени девојки, интимно споделени со партнерите кои ја злоупотребиле довербата на девојките, но сѐ почесто има и лажни фотографии со вистински податоци на вознемируваните жени.
Во првиот случај „Јавна соба“, донесена е првостепена пресуда против Дарко Костовски, како креатор на групата и на администраторот Михаил Паневски, кои се осудени на по четири години затвор.