Во пресрет на вториот изборен круг од претседателските избори и изборниот молк, ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува сите учесници во изборниот процес максимално да ги почитуваат демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и демократски избори.
„Правото на глас е неприкосновено човеково право и мора максимално да се почитува!
Бараме од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулација на гласачите.
Бараме од партиите, но и од родителите и од наставниот кадар да ги почитуваат правата на децата и да ги остават надвор од политиката! Децата не смее да се злоупотребуваат за политички цели и не смее да се вклучуваат во кампањите на политичките партии! За секоја злоупотреба на децата, бараме соодветна законска реакција од институциите и ја повикуваме јавноста остро да ја осуди и отфрли злоупотребата на децата.
Секој обид да се наруши изборниот молк и кршењето на законите и стандардите поврзани со изборниот процес, мора веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Не смее да има толеранција за каков и да е притисок, закана или корупција (купување гласови).
Бараме од Државната изборна комисија и ја охрабруваме да ги искористи сите свои законски ингеренции до максимум и да спроведе законит, слободен, фер и демократски изборен процес. Ингеренциите на ДИК се високи и таа се наоѓа на врвот на изборниот процес. ДИК не мора да чека приговори и жалби, туку може да дејствува, по допрен глас и според сопствени наоди и мислење. Очекуваме на овие избори тоа и да го стори.