На 21 ноември (вторник) со почеток од 20:00 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица повторно ќе биде прикажана комедијата „Te Dua, жими мене“. Сценариото е на Никола Кузелов, а режијата на Марјан Гавриловски.
Приказната го следи патешествието на тројца другари, квази фраер, коцкар и армоникаш, кои трудејќи се да ја вратат назад купената жена од Албанија, стануваат дел од мафијашка зделка и мораат да се справат со низа несекојдневни ликови. Фактот што филмот е снимен како независна продукција на авторите им дава тотална филмска слобода да ги рушат предрасудите и да раскажат приказна која не им робува на конвенциите.
Хит комедијата „Te Dua, жими мене“ ја доби награда за најдобар игран филм на фестивалот „SoundScreen“ во Равена, Италија. Тоа е второ меѓународно признание откако летово доби награда од публиката на Филмски фестивал во Тирана, Албанија.