Договорот од Преспа не предвидува менување ниту на тексуталниот ниту на инструменталниот дел од химната, соопшти Владата.
Од Владата информираат дека националната химна останува иста, не била тема на дискусија и околу истата нема никаков спор.
Химната ќе остане и текстуално и инструментално истата.
Вчера, за време на посетата на грчката делегација пред Владата на Република Северна Македонија не биле интонирани химните поради технички и организациски причини кои произлегле од стеснетата временска рамка на активностите.
Поради доцнењето при слетувањето на авионот се изоставиле сите протоколарни свечени активности при дочекот, вклучително гарда, цвеќиња, воени почести, интонирање на химната и слично. Овие активности биле изоставени со цел да се запази дневната работна агенда на премиерите Заев и Ципрас, односно за да успеат во текот на денот да ги постигнат сите планирани работни активности, информира Владата.
„Преспанскиот договор на ниту еден начин не рефлектира врз химната, таа во ниту еден момент не била, не е и нема да биде спорна“, стои во соопштението што пристигна од владината прес служба.
Како потврда, велат од таму, во периодот по потпишувањето на Преспанскиот договор нашата химна била интонирана во повеќе прилики во присуство на официјални претставници од грчка страна. „Само пред неколку денови на свечениот прием во организација на Амбасадата на Грција, по повод националниот ден на Република Грција, химната на Република Северна Македонија беше интонирана пред официјални грчки претставници“, се наведува во нивното соопштение.