Министерот за здравство, Венко Филипче, објави дека се сретнал со семејството на Емилија Динева, жената чие срце и бубрези беа донирани на тројца пациенти. На објавата на фејзбук тој пишува:
„Утрово се сретнав со семејството на Емилија Динева и градоначалникот на општина Дојран Анго Ангов. На семејството им изразив најголема почит и благодарност за хуманоста која ја покажаа во нивните најтешки моменти. Тие дадоа надеж и шанса за живот на три семејства. Тие спасија три човечки животи. Поради нив, за првпат во земјава се изведе трансплантација на срце, а два бубрега се трансплантираа кај двајца пациенти кои подолго време беа на дијализа. Пациентите се во добра и стабилна здравствена состојба. Органодарителството е највисокиот чин на човекољубие и хуманост. Горд сум на ова семејство.“