Годинешната 12-та по ред „Смоквијада 2018“ ќе се одржи во сабота, на 1 септември, во центарот на Гевгелија. На завршната приредба, на плоштадот Сава Михајлов, покрај прогласувањето на победникот-производителот на најдоброто слатко од зрели смокви, предвидена е и богата музичка програма.
На коцертот на отворена сцена ќе настапат групата Љубојна и ансамблот „Бојмија“. Љубојна е нашата најпозната етно група, која минатата година го издаде деветтиот албум „Радио Љубојна“. Ова ќе биде втор настап на оваа група во Гевгелија. Имено, групата Љубојна настапи на свеченото отворање на манифестацијата „Гевгелија-град на културата“ што се одржа во 2011 година.
Годинава, како што најавува организаторот ЗГ „ТЕРА“ фестивалот на смоквата има нов концепт во натпреварувачкиот дел, а тоа е можноста за учество на секое домаќинство од Гевгелија и околните населени места. Сето тоа, со една цел, за да се придонесе за зачувување на традиционалните вредности, со кои Гевгелија може да биде препознатлива и единствена во Македонија и пошироко.
Секој натпреварувач слаткото го вари во својот дом, а една тегла доставува до организаторот ЗГ „ТЕРА“ на денот на одржување на Смоквијадата. Посебна комисија ќе го оценува квалитетот на слаткото што ќе биде сварено и ќе додели три парични награди: Прва награда 15 000 денари, Втора награда 10 000 денари, Трета награда 5000 денари. Генерален покровител на фестивалот е Општина Гевгелија.
Прогласувањето на победниците ќе биде на завршната приредба која започнува во 20 часот.