Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков ги посети детската
градинка и основното училиште ООУ„Климент Охридски“ во село Миравци, каде што
престојуваат и се образуваат деца од предучилишна возраст и ученици од
деветолетката. Во двата објекта реализирани се неколку зафати за подобрување на
условите за престој и настава. Детската градинка е оградена со 75 метри ограда,
која е соодветно украсена за децата со апликации од нивните омилени ликови од
цртаните филмови.
-Покрај оградувањето на целиот објект и двор, извршено е и целосно осветлување
на дворот на градинката. Наскоро дворот хортикултурно ќе се уреди и ќе се
постави урбана опрема за детска игра. Вакви и слични зафати ќе бидат
реализирани и во другите детски градинки, каде што има потреба за тоа,
информираше директорката на ЈОУДГ„Детска радост“ Елизабета Стефановска.
Градоначалникот Поцков, исто така, го посети и ООУ“Климент Охридски“, каде што
директорката Марија Костадинова го информираше дека во училиштето и училишниот
двор неодамна беше поставена ограда. Исто така, целиот објект и дворот се
осветлени, а претстои и хортикултурно уредување на дворот. Секој ученик во ова
училиште доби и свое шкафче со што значително ќе им се олесни престојот и и
следењето на наставата на учениците.
-Настојуваме континуирано да ги подобруваме условите за престој, воспитување и
образование на децата од предучилишна и училишна возраст. Најдобра потврда за
тоа се реализираните зафати во детската градинка, како и во основното училиште
во Миравци. Минатата година занималните во сите шест детски градинки во општина
Гевгелија беа опремени со нови масички, столчиња и креветчиња. Во централната
детска градинка беше изградено и игралиште, обновени беа кујните, а беа
набавени и ЛЦД проектори, компјутери и друга опрема. Сите објекти беа
климатизирани, поставени беа и камери за поголема безбедност, а со започнатото
осветлување на училишните дворови продолжуваме и годинава. Училишниот распуст
во сите основни училишта во Гевгелија ќе биде искористен за подобрување на
условите за настава, изјави градоначалникот Сашо Поцков при посетата на
Миравци.