• Wed. Nov 27th, 2024

УНИЦЕФ: Училиштата да се затворат единствено тогаш кога нема други алтернативи

Училиштата треба да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат, изјави Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава.

„Во време кога земјата се соочува со зголемен број заразени со Ковид-19, најдобриот интерес на децата мора да биде од централно значење при носење на секоја одлука за тоа кога и како училиштата да останат отворени. Земјава направи огромни напори децата да продолжат да учат во оваа пандемија. Додека повеќето деца го продолжуваат образованието преку учење на далечина, одлуката за повторно отворање на училиштата за учениците од 1-3 одделение со препорачаните превентивни и заштитни мерки, претставува позитивен чекор кон намалување на негативните ефекти од продолженото затворање на училиштата“, вели ди Џовани.

Според неа, светските примери покажуваат дека почитувањето на засилените мерки за превенција во училиштата и навременото откривање и изолирање на случаите и нивните контакти, во повеќето ситуации, досега се покажало успешно во спречувањето на растот на бројот на новозаразени.

Во земјава, според податоците објавени од Министерството за образование и наука, од повторното отворање на училиштата, се заразиле само 0,05 проценти од учениците и 0,6 проценти од наставниците што одат во училиште со физичко присуство.

„Ова укажува на фактот дека училиштата веројатно не се главниот двигател на ширењето на Ковид-19, особено кога во нив соодветно се применуваат пропишаните превентивни и заштитни мерки. Освен тоа, глобалните студии за рано моделирање сугерираат дека од сите мерки за социјално дистанцирање затворањето на училиштата не претставува значаен фактор кон намалување на пренесувањето на Ковид-19 во заедницата. Исто така, досегашните студии покажуваат дека кај децата под десет години е помал степенот на распространување на вирусот отколку кај поголемите деца“, изјави ди Џовани.

Оттука, додава таа, кога се размислува дали да се укине наставата со физичко присуство треба да се направи добра проценка за придобивките наспроти ризиците имајќи ги предвид здравствените, образованите и другите социо-економски фактори.

„Она што со сигурност го знаеме е дека затворањето на училиштата има јасни негативни ефекти врз здравјето, образованието и развојот на децата, семејниот приход и вкупната економија. Затоа, повикуваме училиштата да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат кога за тоа ќе се создадат безбедни услови. Затворањето на училиштата треба да се разгледува единствено тогаш кога нема други алтернативи“, вели ди Џовани.

извор: Макфакс

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *