Украинската амбасада преку Твитер објави повик, македонски граѓани да се приклучат на Меѓународната легија
Сличен повик амбасадата објави и минатата недела, па подоцна го избриша. Последниот оглас, во кој се наведуваат две мејл адреси и телефонски број како контакт за граѓаните на Македонија, вечерва сѐ уште беше видлив на социјалната мрежа.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски уште пред десетина дена апелираше до граѓаните на странски земји да дојдат и заедно со Украинците да се борат против напаѓачите. Министерството за надворешни работи на Украина отвори и веб-страница за странски државјани каде можат да вклучат во редовите на Меѓународната легија „за заштита на светскиот мир и безбедност“.
Повикот од амбасадата, според Кривичниот законик во Македонија, е дело за кое е предвидена казна од минимум пет години затвор. Кривично дело е и учеството во странска војска, за што е предвидена казна од најмалку четири години затвор.