Капаци за сливници за канализација се украдени викендов на повеќе локации во Струмица. Секторот „Водовод и канализација“ при ЈПКД “Комуналец“ ги алармираше сите надлежни институции дека кражбите се многу зачестени и оти исчезнуваат капаци и на најфреквентните улици во градот.
Отворените капаци може да предизвикаат сериозни проблеми за сите што редовно се движат по тротоарите и коловозите. Вистинска среќа е што нема повредени или евентуални поголеми оштетувања на возилата, затоа што само во последните три дена се украдени 40-ина капаци од сливници. Проблемите што се создаваат со украдените капаци не се само закана за безбедноста на граѓаните туку претставуваат и трошок за јавното претпријатие.
Екипи постојано се на терен да ги санираат состојбите, да ги затворат дупките и да постават нови капаци. Од „Комуналец“ ги повикуваат граѓаните доколку забележат ваква појава веднаш да пријават во најблиската полициска станица, како и на нивниот дежурен телефон 034/325 909 или на нивната официјална фан страна на Фејсбук.