• Fri. Nov 22nd, 2024

Угостителите бараат протоколи за хотелите и отворање на рестораните за свадби

Протоколи за работа на хотелите, како и отворање на камповите, плажите, рестораните за свадби и игротеките побараа угостителите на денешниот состанок со министерот за економија, Крешник Бектеши. На состанокот присуствуваше и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.

Главни теми на состанокот беа состојбите во туристичко-угостителскиот сектор во моментот, мерките што Министерството за економија и Владата ги презедоа за справување со кризата предизвикана од Ковид-19, како и проблемите со кои се соочува овој сектор.

Министерот Бектеши претставвниците на туристичко-угостителските комори ги информира за реализацијата на донесените мерки за поддршка на секторот.

Бектеши информира дека од почетокот на здравствено-економската криза за поддршка на туристичко-угстителскиот сектор по предлог на Министерството за економија се донесени уредби. Меѓу нив се уредбата со законска сила за издавање ваучери за туристичките агенции, потоа уредбата за продолжување на рокот на решението за категоризација на угостителски објекти за време на траење на вонредната состојба, уредбата со законска сила за продолжување на рокот на траење на лиценцата за угостителските објекти – кабаре, диско-клуб и ноќен бар и уредбата со законска сила за издавање ваучери од 6.000 денари за работници со ниски приходи и платежна картичка од 3.000 денари за домашен туризам.

Министерот информира дека подготвена е и програмата за субвенција за кофинансирање конференции и настани во висина од 50 отсто, а најмногу до 30.000 денари, како и уредбата со која се олеснуваат условите за категоризација на угостителските објекти за сместување кај физички лица и намалување на бројот на комисијата за категоризација од 13 на 5 члена, со вклучување член од приватниот сектор, пренесува Макфакс.

Претставниците од туристичко-угостителскиот сектор потенцираа дека во моментот е неопходно да се донесат протоколи за работа на хотелите за што Министерството за економија ќе ги достави препораките од Европската комисија до Комисијата за заразни болести за нивно носење.

Некои од барањата на туристичко-угостителскиот сектор се отворање на автокамповите и носење протокол за нивна работа, отворање на плажите, како и рестораните за свадби и игротеките.

Министерот за економија упати порака до туристичко-угостителскиот сектор дека мерките што Министерството за економија и Владата ги имаат донесено за помош на најпогодените сектори ќе продолжат да се реализираат сè додека трае кризата. Потенцира дека Министерството за економија и Владата континуирано ја следат состојбата во овој сектор и секоја активност ќе биде во насока на закрепнување и помош на најпогодените гранки ва стопанството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *