• Mon. Nov 25th, 2024

Турските серии достигнаа 750 милиони гледачи во над 150 земји

ByЃ. K.

Oct 21, 2023

Турските телевизиски серии стигнаа до вкупно 750 милиони гледачи во повеќе од 150 земји, нагласи заменик-министерот за култура и туризам на Турција, Батухан Мумџу на ТВ-фестивалот „Мипком“ во Кан, Франција. Секоја година Турција произведува околу 50 ТВ-серии.

Како што објави весникот „Хуриет дејли њуз“ на англиски јазик, Турција е водечки извозник на ТВ-серии меѓу земјите од неанглиско говорно подрачје и е на третото место во светот по Соединетите Американски Држави и Велика Британија. Турските ТВ-серии доживеаја завиден успех и на неодамнешниот собир во Кан, на којшто присуствуваа над 10.000 посетители и претставници од 108 земји.

„Со содржините произведени во Турција, достигнуваме 750 милиони гледачи во 152 земји. Сите фактори во индустријата добро ја знаат повеќеслојната важност на продажбата на ТВ-серии – и во однос на извозот и како моќна алатка на културната дипломатија“, изјави Мумџу.

Шефот на турската медиумска група „Демирорен“ – Мурат Јанчу истакна дека водечката улога на Турција во извозот на ТВ-серии на светската сцена е доказ за успехот и напредокот во оваа индустрија. Во зависност од земјата, цената на една епизода достигнува меѓу 300 и 700 илјади долари. 

By Ѓ. K.