Се проценува дека речиси шест милиони луѓе од овој регион во моментов живеат во странство, што претставува третина од популацијата на Западен Балкан, изјави претседателот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабарти.
– Без оглед што тие луѓе испраќаат значителен износ во своето родно место, сепак нивните таленти ги користат други земји. Исто така, дознаките немаат значаен ефект на развојот. Тие ја ограничуваат и подготвеноста за работа на оние кои останале „дома“ – вели во разговор за РТС Чакрабарти.
Анализите на ЕБРД покажуваат дека при миграциите, земјите повеќе ги напуштаат висококвалификувани кадри, отколку вработени со просечни знаења и вештини.
Претседателот на ЕБРД вели дека миграцијата на квалификувани работници има негативен ефект врз продуктивноста, но и дека негативен ефект на растот може да има и заминувањето на нискоквалификувана работна сила.
– Емиграцијата, посебно на млади обучени кадри, претставува сериозен проблем за Западен Балкан. Миграциите се мотивирани од разликите во приходи во споредба со земјите од Европа. Но, на миграциите, исто така, влијае и незадоволството од домашните политички и економски состојби – вели Чакрабарти.
Тој вели дека решавањето на проблемот со миграциите е многу сложено.
– Не станува збор само за зголемување на нивото на приходи, што е тешко прашање само по себе, туку и за креирањето подобри услови за живот на локално и национално ниво. Тоа подразбира подобро функционирање на јавните институции, кои ќе им служат на луѓето, наместо да им ги компликуваат животите, да нудат висококвалитетна здравствена заштита и образование, но и правосуден систем, во рамки на кој судските процеси ќе бидат фер и нема да траат со години – појаснува Чакрабарти.
– Тоа, исто така, подразбира пристап до квалитетно снабдување со вода, но и услуги за пречистување на отпадните води, како и добар квалитет на воздухот. Тоа треба да биде приоритет за креаторите на економската политика, токму онака како што е приоритет подобар пат или железничка пруга – посочи за РТС претседателот на ЕБРД.