• Fri. Nov 22nd, 2024

Струмичани обвинуваат за институционална негрижа за смртта на Трајко Трендов

Струмичани се револтирани и гневни по смртта на 60 годишниот Трајко Трендов, кој завчера почина од смрзнување пред неговиот дом. Жителите на улицата Крушевска Република, кои што последни реагирале дека човекот е премрзнат, им замеруваат и на здравствените и на социјалните служби, зашто човекот со месеци бил на улица и никој не се потрудил соодветно да го згрижи.

„Има ли во таа држава социјални грижи, да помогнат на луѓе во вистинска смисла, ако е на патот паднат, да го приберат, да го згрижат кога нема никакви услови за живот, а не дај му 1000 денари и завршена е работата,“ вели Ристо Аливкинов, жител на улицата Крушевска Република.

Очевидци велат дека Трендов бил во лоша состојба уште кога дошла Брзата помош, па се прашуваат зошто не бил примен во некое од одделенијата во струмичката општа болница, туку бил вратен со полиција во студениот и руиниран дом.

„Трајко Трендов беше премрзнат, му ставав ракавици, го покривме со ќебе и кога го качивме во комбито тој беше речиси здрвен. Не ми е јасно зошто не е сместен во некое одделение, какво решение е тоа да го ставиш до радијаторот во итната медицинска помош? Ме мачи прашањето зошто не е примен и никаде не е заведен во болничките одделенија, туку е вратен дома,“ прашува Кире Пиличев, кој повеќе пати ги алармирал институциите за состојбата на Трендов.

Од Браза помош велат дека Трендов го носеле до струмичкото интерно одделение, но таму не го примиле, па за да не е на студот го оставиле да седи во холот на Итната медицинска служба каде поминал четири до пет часа. Дежурниот лекар тврди дека состојбата на Трендов била стабилна, му дале да јаде и го покриле со ќебе, а подоцна повикале полиција. Ниту струмичката полиција немала решение за Трендов. Го вратиле во неговиот дом, каде што по неколку часа, соседите го пронашле мртов на прагот.

Фотографијата на починатиот Трајко Трендов е превземена од Коста Карев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *