Околу 500 пм 10 честички на метар кубен бележеа апликациите за мерење на воздухот синоќа во Струмица. Граѓаните реагираа на социјалните мрежи дека воздухот е отровен а фотографии од мерењата се споделуваат на секаде и се бара одговорност и преземање итни мерки.
Се уште не се знае и кој е најголем загадувач на воздухот во Струмица, со оглед дека нема ниту една сериозна анализа и истражување.
Новата директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, за „Слободен Печат“ рече дека најголем проблем во Инспекторатот е недостигот на квалитетен инспекциски кадар.
ДИЖС во Скопје има само пет инспектори; во Полошкиот регион работат 4 инспектори, а еден е на неплатено отсуство и по еден е во Охрид, Битола, во Гевгелија, Струмица, во Кавадарци, Штип и Пробиштип. Имало по еден инспектор во Велес и Куманово, но сега тие позиции се испразнети. За да може Инспекторатот да одговори на потребите, неопходно е да прими барем осум нови инспектори бидејќи петмина наскоро ќе заминат во пензија.
Планирањето на редовните инспекциски надзори се вршело врз основа на застарена база на податоци за издадени А-интегрирани еколошки дозволи, дозволи за складирање и третман отпад, одобрени елаборати за заштита на животната средина. Затоа таа побарала од Министерството за животна средина да ги достават сите регистри и прегледи на дозволи, елаборати за заштита на животната средина, катастри на загадувачи и слични информации, за да се знае каде треба да се насочат редовните, но и вонредни инспекциски надзори. До декември треба да има ажурирана база на податоци.
Мора да се подобри квалитетот на спроведените инспекциски надзори, односно наместо само проверка на документацијата, инспекторите да ги проверуваат технолошките процеси и системите за пречистување на отпадните гасови и води во инсталациите.