Здружението на производители на тутун и тутунски производи при Стопанската комора на Северна Македонија ги смета за штетни изјавите во јавноста според кои увозот на тутун го загрозува откупот на домашното производство.
Комората потсетува дека откупните компании во земјава пред почетокот на секоја сезона склучуваат договори со производителите на тутун и согласно Закон се обврзани да го откупат договореното количество суров тутун во лист.
-Досега, не само што немало случај договорените количества да останат неоткупени, туку напротив, откупните компании ги откупувале и вишоците тутун за кои немало договори, а кои производителите не ги пријавиле и не склучиле договор со откупувачите. Според тоа, невозможно е да остане домашниот тутун неоткупен за сметка на увезениот кој не е од истите сорти и типови што се произведуваат во земјата. Увезениот тутун, кој служи за доработка на домашниот, се преработува во домашните откупни компании за потоа целосно да се извезе на странски компании – производители на цигари и други тутунски производи. Компаниите вршат увоз за доработка и повторен извоз, при што се остварува девизен прилив во Република Северна Македонија, објаснува Комората.
Според Стопанската комора, откупните претпријатијашто вршат откуп на тутун во земјава имаат законско право да увезат необработен тутун за да ги дополнат своите капацитети за доработка.