Со донацијата од семејството Костадинови детската градинка „Виножито“, го зголеми капацитетот за згрижување на уште повеќе деца во рамки на установата.
Овој хуман гест придонесе и создаде можност да се отвори нова јаслена група со капацитет од 12 деца, со што со што се излегува во пресрет на родителите кои имаат неопходна потреба од згрижување на своите деца во детската градинка „Виножито“. Пристапноста до услугите за згрижување деца во градинката, од најмала возраст е еден од приоритетите на оваа воспитно-образовна институција.
Директорката Софче Димитријева изрази радост и задоволство и упати огромна благодарност до семејството Костадинови за овој несебичен гест.
„Верувам и се надевам дека овој пример ќе биде мотив за нашите сограѓани – во рамки на сопствените можности, и секако желба, да придонесат за новите генерации. Да ги негуваме вистинските вредности, да ги учиме нашите деца од мали нозе, на хуманост и позитивни вредности. Децата се нашето најголемо богатство, нашата гордост, нашата радост и нашата иднина“, истакна директорката.