Поинтересно ми е дома пред комјутер отколку да излезам надвор да прошетам или да се дружам со мои врсници во некој од кафичите. Вака отсечно вели 17 годишно момче Никола од Струмица ученик во СОУ Никола Карев кој дневно поминува 5-6 часа на Discord мрежата. Платформата ја користи за да се договори како да развие стратегија за некоја игра. Вели дека 80 одсто од корисниците не ги познава но не му е важно, бидејки во фокусот му се победите во Minecraft. Се логира со nickname и во групите на Discord има над 100 лица од целиот свет со кои се договара. Не зборува многу но вели дека сите млади од Струмица се префрлиле на ова мрежа а најмногу ја користат гејмерите.
,, На Discord сум регистриран нешто повеќе од една година. Ја користам за комуникација. Зачленет сум во најмалку 10 групи каде се допишуваме со останатите членови иако реално луѓето не ги познавам. Ја користам претежно за игра и забавно ми е. Обично 5- 6 часа „заглавувам“ на Discord каде со виртуелните пријатели кроиме стратегија како да настапиме на Minecraft. Поинтересно ми е да бидам пред комјутер отколку да излезам и да се дружам со свои врсници надвор, некако станува монотоно а овде го имам целиот свет на дланка,, вели 17 годишниот средношколец.
Неговите родители не се многу упатени за новата мрежа што ја користи синот. Знаат дека своевремено бил активен на Facebook и Instagram но последниве месеци не толку. Свесни се дека се повлекува во својата соба за да учи и дека одвреме навреме е на компјутер но колку временски се посветува на учење а колку на компјутерските игри и социјаните мрежи не знаат. Му укажуваат на штетноста од преголемото користење на компјутер и социјалните мрежи, но наидуваат на одговор дека ова е ново време во кое преку дигиталните алатки ги имаш сите информации на едно место.
,, Се обидуваме да разговараме со него дека не е во ред по цели денови да е пред компјутер. Одговорот е постојано ист дека сите се на мобилни и компјутери и дека тоа е новото време. Почнавме да стравуваме дека нашиот син ја губи реалноста со надворешниот свет. До пред три години беше постојано надвор дури и тренираше кошарка, но сега постојано е дома. Ни објаснува дека не прави ништо лошо и е свесен за можните последици од прекумерното седење на социјалните мрежи но и злоупотреба на неговите податоци доколку ги даде“, вели загрижено Милена мајка на 17 годишниот средношколец.
Дискорд во тренд – се регистрираат и деца
Discord е платформа на која корисниците со специфичен фокус, тема или слични интереси се собираат во заедница за да споделуваат информации, разменуваат слики но и да комуницираат. Лансирана е 2015 тата. На ниво на свет регистрирани се 250 милиони корисници. Популарен кај гејмерската заедница бидејќи нуди можност гејмерите да комуницираат меѓу себе и да градат заедница надвор од самите игри. Брзо растечка социјална мрежа со околу 140 милиони месечни активни корисници.
Средношколците од Струмица велат дека на ова мрежа се логирани и помлади од 14 години – основци претежно гејмери. Се претставуваат како повозрасни со мејлови кои ги креираат како да се повозрасни лица.
,, Не би дозволил мојата сестра која има 13 години да се регистрира на Discord или било која мрежа оти може да ја злоупотребат. Премногу е мала. А има деца и на таа возраст што се логирани“, ни вели средношколецот Никола
Прекумерното користење негативно влијае врз менталното здравје
Социјалните мрежи посебно кај младите може да предизвикат зависност ако не се користат со одредена цел. Неурофидбек терапевтот Весна Илова Ташева тврди дека пасивното следење на објавите на социјалннтие мрежи ја намалува социјалната интеракција, го зголемува страват, ја нарушува самодовербата при што младите го губаат својот идентитет.
„ Прекумерното користење може да биде штетно на менталното здравје кај младите. Прво ја немаат социјализацијата, социјалната интеракција, односно начинот како го структурираат слободното време. Вториот аспект е емоционален односно се повеќе расте чувството на страв да не се пропушти нешто важно, да се следат објавите а тоа значи се поистоветуваме со туѓи профили и животи а кога се споредуваме со други животи имаме нарушена самодоверба. Последниот е психолошкиот бидејки младите немаат фокус концентрација за извршвуање на други активности“, смета Илова Ташева
Кој се може да се логира на Дискорд
Платформата работи преку сервери кои нудат текстуални канали и гласовен разговор преку микрофон. Сереверите идентификувани со хаштаг се текстуални канали. Гласовните канали имаат икона за звучник до нив. Кога корисниците ќе се приклучат, тие автоматски ги слушаат тековните разговори и можат да учествуваат во нив. За да се регистрираш на Discord заради безбедност треба да имаш минимум 13 години иако во дел од државите воведоа и поголема старосна граница. На пример во Бугарија треба да имаш повеќе од 14 години, во Србија повеќе од 15 а во Хрватска како и поголемито дел од европските држави повеќе од 16 години да се регистрираш на ова платформа.
Дискорд се популарна и во Струмица
Во Северна Македонија платформата Discord станува се поактуелна последниве две години, претежно кај младите за комуникација и размена на текстуални и гласовни пораки. Факултетот за информатички наука ФИНКИ има сопствен Discord сервер (заедница) со околу 4 100 членови каде студентите си помагаат меѓусебе споделувајки материјали за одредени предмети, да постават било какви прашања со студиите но и да контактираат меѓусебе но и со ФСС и студентскиот правобранител
Ова платформа на големо ја користат и младите од Струмичкиот микро регион. Тврдат дека таа е во тренд. ТВ Канал ВИС направи анкета меѓу струмичките средношколци со ECR алатка за да се согледа нивното мислење за и околу социјалните мрежи. На поставените прашања одговорија 320 средношколци при што 60 одсто од младите ја користат ова платформа, и спаѓа мегу 4 те водечки социјални мрежи. Речиси 40 одсто од средношколците тврдат дека на истите поминуват повеќе од 2 часа а уште толку истакнаа дека не водат евиденција колку дневно се активни на истите. Тврдат дека најмногу ги користат за забава, комуникација, и едукација а 10 проценти истакнаа дека ги користат и за заработка.
Преку социјалните мрежи – до презентација на сопствен потенцијал
Младата струмичанка Јана Мицева вели дека со правилно користење на дигиталните платформи може да има бенефит. Таа е млад илустратор. Социјалните мрежи ги користи за да ги објави своите цртежи и илустрации. Почнала со Facebook а сега е доста активна и на Discord во оние групи каде се дружи со лица со исти афинитети. Мрежата ја користи како можност за размена на информации со лица од сите краишта на светот но и да продаде свои анимации и илустрации за одредени стрипови. Таа тврди дека социјалните мрежи ги користи со претпазливост но и можност да се промовираат одредени идејни решенија
,, Се занимавам со илустрации- цртање. Посериозно со ова хоби почнав од мои 15 години на лист и моливо а потоа се префрлив на дигиталните медиуми. Најпрво постирав во одредени групи со таа намена на Facebook и добив понуда да ми откупи илустрација но не знаев по која цена, па на моја сметка ми пушти за 10 евра. Мотивацијата ми се зголеми бидејки се отвори можноста да се запознаат со мојот талент повеќе луѓе. Соработувам со доста лица од Италија, Франција, САД итн. Ако не беа социјалните мрежи немаше да се осознаам самата себе со мојот потенцијал. Мислам дека моите амбиции може да ги развијам на глобалниот пазар,, вели Јана
Родителите клучна алка – сметаат психолозите
Училишните психолзи сметаат дека младите под 16 години не би требало да користат социјални мрежи бидејки сеуште го развиваат својот идентитет. Стојне Митева психолог во училиштето Сандо Масев, Струмица вели научните студии потврдија дека младите кои постојано се на социјалните мрежи покажале поголема нервна чуствителност во одредени делови од нивниот мозок што го прави повеќе одговорен за социјалните последици со тек на времето.
,,Кај тинејџерите тој дел од мозокот е всушност хиперактивен во споредба со возрасните и со прекумерното седење на социјалните мрежи тие не можат да се мотивираат себеси да прават нешто друго„ заклучува Митева
Многу светски стручни лица признаваат дека е тешко да се спречат младите да ги користат платформите со оглед на нивната популарност, но сугерираат дека родителите се клучни да постигнат успех со обединување со одредени препораки тргнувајки од училишнните клупи.
,, Ако родителите можат да се соберат и да кажат обединето дека нема да дозволиме нашите деца да користат социјални мрежи додека не наполнат 16, 17 или 18 години на возраста која ќе ја изберат, тоа е многу подобра стратегија за да се осигураме дека децата не се рано изложени на штета,, вели Митева