Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска вчеравечер присуствуваше и се обрати на отворањето на второто издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ во чии рамки беше отворена изложба на илустрации на доајенот на македонското сликарство, Димитар Кондовски, информираат од претседателскиот кабинет.
Организатор на настанот којшто се одржа во Националната галерија, објект „Мала станица“, е Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“.
На отворањето на фестивалот свои обраќања имаа Софија Семенпеева Трајановска од Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ и Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија на Република Северна Македонија кои говореа за трајните вредности на Кондовски, но и за значењето на фестивалот за севкупната култура на нашата земја.
За време на настанот беше организирана работилница за деца на различна возраст на која се запознаа со делата на Кондовски и создадоа свои приказни инспирирајќи се од делата на великанот на македонската илустрација.
Во своето обраќање до присутните, г-а Ѓоргиевска истакна дека приказните ја обликуваат нашата фантазија, но и нашите вредносни животни јадра, а со нивното создавање и споделување секој од нас го креира својот сопствен свет, го дообликува својот животен пат во зависност од раскажувачката матрица на приказната.