• Fri. Nov 22nd, 2024

СОНК задоволен од масовноста на штрајкот, чекаат нова средба со Владата

ByВане Трајков

Apr 11, 2022

Според наша оценка и сознанија, се штрајкува во сите основни и средни училишта и во градинките, и тие што не се членови на СОНК масовно се вклучуваат во штрајкот, изјави претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков на прес-конференција соопштувајќи за генералниот штрајк кој почна денеска заради исполнување на барањето веднаш да се зголемат платите во дејностите образование и детска заштита.

Рече дека околу 25 илјади вработени во училиштата и градинките денеска се вклучиле во штрајкот, а минорен е, како што рече,  бројот и не е повеќе од илјада на тие што не учествуваат. Мал бил бројот на ученици во основните и средните училишта и релативно мал број на деца во градинките.

– Пресреќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете  било оставено пред врата. Најважно е што е пратена пораката до надлежните која е многу јасна – огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта кои имаат проблем со нивниот социјален статус, истакна Неделков.

Според претседателот на СОНК, во градинките имало, како што рече, посериозни притисоци во однос на настојување на директори воспитувачите да го прекинат штрајкот и да влезат во детските групи.

Соопшти дека голем е бројот на тие што не штрајкуваат во градинките „Орце Николов“ во Карпош и „Кочо Рацин“ во Центар, во градинките во Валандово, во Гевгелија половина не се во штрајк, како и во некои други општини каде што имало помал број штрајкувачи кои, рече Неделков,  морале да бидат на работните места иако се во штрајк. За една градинка во Битола рече дека има основа да поднесат кривична пријава, зашто се барало списоци, што е спротивно на правилата на штрајкување и на законите. Нагласи дека процесот на штрајк никој не сме да го прекине и дека за спречување на штрајкот  се предвидени кривични пријави.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *