• Fri. Nov 22nd, 2024

Современа дигитална апаратура за физикална терапија

Во Центарот за физикална терапија при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија пристигна комплетно, нова, совремна, дигитална апаратура за рехабилитација на пациенти во вредност од 20.000 евра. Опремата е набавена преку проектот „Заеднички активности за заштита и унапредување на јавното здравје во прекуграничниот регион (IpA SHIELD II), финансиран во рамки на Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка, во која учествува ЈЗУ Општа болница- Гевгелија.

            Преку истиот проект, во претходните месеци беше извршено комплетно реновирање и преадаптација на постоечките простории. За потребите на Дијабет-центарот, се набави нов доплер-апарат за преглед на крвни садови во вредност од над 20.000 евра, кој ќе помогне во дијагностицирањето на последиците од шеќерната болест. Биохемиската лабораторија е опремена со комплетно нов инвентар и дополнителна апаратура за анализа. Амбулантите за неврологија, за урологија и за ортопедија се обезбедени со нова опрема и нова болничка аптека со комплетен современ ентериер. Во тек е и реконструкцијата на хируршката сала која во завршната фаза ќе биде комплетно опремена со современа апаратура.

            – Драго ми е што Општа болница со проширена дејност- Гевгелија полека станува современа здравствена институција која нуди квалитетни услуги за пациентите и е опремена со соодветна опрема која ја олеснува работата на нашите вработени, а помага во дијагностицирањето на болестите. Изразувам голема благодарност до нашите соседи за заедничките проектни активности и неизмерната поддршка, со што, како две гранични земји, покажуваме дека ги негуваме добрососедските односи унапредувајќи го јавното здравје во прекуграничниот регион. Изразувам благодарност и до Општина Гевгелија, „Новоматик“ кои донираа медицински инвентар за време на пандемијата од Корона вирусот, а и до сите правни или физички лица кои ја помогнаа Болницата на каков било начин, истакна директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија, д-р Митко Крџев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *