Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамките на проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи – eFIDAR“ финансиски поддржан од ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Северна Македонија 2014-2020 година спроведе тендерска процедура за набавка на 2 возила за заштита од шумски пожари и успешно склучи договор со компанијата „TIMAK SHPK“ од Тирана, Албанија.
Едното специјализирано возило е мал камион за спасување и се набавува за потребите на Територијалната противпожарна единица – Гевгелија која ги покрива општините Гевгелија, Богданци и Дојран, додека второто возило е пикап за прв одговор за потребите на Територијалната противпожарна единица Струмица која ги покрива општините Василево, Босилово и Ново Село, а по потреба ги помага и ТППЕ Радовиш.Ваквата набавка на специјализирани возила ќе ги олесни интервенциите на терен, особено во делот во справување со шумски пожари, а воедно ќе ја зголеми и ефикасноста на сите четири територијални противпожарни единици од Југоисточниот плански регион.
Испораката на возилата согласно склучениот договор е планирано да биде до крајот на јуни оваа година.