Хуманитарната катастрофа во Идомени пред ескалација. Илјадици луѓе се заглавени на грчко-македонската граница повеќе од 15 дена. Гладни и без минимум хигиенски услови живеат во влажни шатори. Ниту логорските огнови ниту ќебињата од хуманитарните организации можат да ги стоплат во долгите и студени ноќи. Пркосот на бегалците попушта пред суровите услови во кои кампуваат. Издржливоста им е при крај. Редици во недоглед се протегаат пред пунктовите за храна и лекарски преглед. Со часови се чека за леб и вода, а недостасува и техничка вода за миење. Процемките се дека во моментов кај Идомени има 15 илјади лица, од кои над три илјади се деца, а во северниот дел од Грција се наоѓаат околу 40 илјади бегалци, со намера да стигнат во Западна Европа.
“Немаме храна, варам компири за децата. Толку можев да купам. Тука е студено, сите сме изморени, а децата не можат повеќе да издржат. Долго време сме заглавени тука, две недели.“
Претставници на Унхцр во Грција тврдат дека македонската полиција воведува рестрикција на границата за бегалците од Сирија и Ирак. Селекцијата се правела на географска основа, во зависност од тоа дали потекнуваат од ризични области или такви кои се сметаат за безбедни и се под контрола на тамошните власти.
Од Мвр велат дека Ирак и Сирија се сметаат за небезбедни земји, но доколку некоја од земјите на рутата воведе нови ограничувања, ќе бидат приморани да ја разгледаат можноста за нивна промена и на македонско-грчката граница, вклучувајќи ја и забраната за влез на мигранти од одредени подрачја. Мвр потврди дека политиката за влез на мигранти на македонско-грчката граница понатаму ќе зависи од ставовите на земјите од балканската рута.