Светската здравствена организација соопшти дека годишното време не влијае на коронавирусот, пренесува „Хил“.
„Вирусите можат да покажат сезонски облици. Тоа сигурно го гледаме кај грипот. Но, овој вирус досега не покажа вакви сезонски облици “, рече Мајк Рајан, кој ја предводи програмата за итни случаи на СЗО.
Некои се надеваа дека топлината и влажноста ќе ја спречат трансмисијата на коронавирусот. На почетокот на ширењето на пандемијата во текот на зимските месеци, американскиот претседател Доналд Трамп тврдеше дека пандемијата ќе заврши кога ќе затопли. Но, студиите покажаа дека тоа не е случај.
Во овие летни месеци, коронавирусот се шири во американските градови Хјустон, Остин, Далас и Феникс. Двете најпогодени земји покрај САД, Индија и Бразил, имаат и топла клима. Но, во Русија, каде што климата е постудена, повеќе од 890.000 луѓе се позитивни на коронавирус.
Но, директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека постои причина за оптимизам. Тој го наведе Нов Зеланд како добар пример каде што нема инфекција со коронавирус повеќе од сто дена, и Руанда, каде што на сите им е овозможено бесплатно тестирање. Тој исто така истакна дека има земји каде што трансмисијата е многу ниска, како Карибите и пацифичките острови.
Од СЗО кажаа дека пандемијата ќе трае со месеци, но дека многу мал број од заразените се одговорни за ширење на инфекцијата. Околу 10 до 20 проценти од случаите се одговорни за до 80 отсто од трансмисијата.
извор: Макфакс