Струмичкото музичко училиште „Боро Џони“ со младите пијанистки, сестрите Ана и Ивана Мазнејкови беше дел од одбележувањето на „Меѓународниот ден на пијаното“ што вчера се одржа во Скопје.
Настанот Ден на пијаното во Скопје се одржa во Салон 19 19, а го организира м-р Светлана Димитриевска, професорка по пијано, под покровителство на град Скопје и КИЦ, а во соработка со Гете институтот и Амбасадата на Р.Словенија. Овој настан беш составен од неколку делови:
-Звуците на класиката (дел во кој настапуваа ученици кои изведуваа класични композиции, а ќе биде одбележана и 85 годишнината од раѓањето на композиторот Томислав Зографски)
-Мојот идол (музички портрет на македонскиот пијанист Дино Имери)
-Во земјата на чудата (циклус пиеси за трака и пијано за деца од македонската композиторка Ана Пандевска). Изведбата на циклусот за трака и пијано беше збогатен и со балетска кореографија.
Музичкото училиште од Струмица беше покането да учествува на одбележувањето на Денот на пијаното, а учество земаа младите пијанистки Ивана Мазнејкова и Ана Мазнејкова од класите на професорите Ленче Мазнејкова и Зоран Мазнејков. Мазнејкови настапија во делот „Во земјата на чудата“ и изведоа по еден став од циклусот трака и пијано.
Ана Мазнејкова го свиреше третиот став насловен како „Седумте џуџиња“, а Ивана Мазнејкова го затвори настанот со изведба на осмиот став од циклусот „Могли и џунглата“.
Иницијативата за одбележување на денот потекнува од младиот германски музичар, композитор и продуцент Нилс Фрам, кој го одбрал 88 ден во годината за прослава на инструментот чија клавијатура има 88 клавиши.
Настанот се одржува во истиот ден во многу метрополи низ Европа, Северна и Јужна Америка и Австралија и на него учествуваат професионални пијанисти и аматери, млади и стари вљубеници во пијаното.