Во врска со појавата на случај на коронавирус во државата, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) повикува медиумите да се однесуваат професионално и етички и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника кај јавноста.
Информирањето во вакви случаи, според Кодексот на новинарите (член 8), мора да биде ослободено од сензационализми. Медиумите треба да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и да ја применат и својата улога како смирувачи на вознемиреноста кај граѓаните.
Освен тоа, тие треба внимателно да им пристапуваат на информациите со коишто се изнесуваат проценки за можна ескалација на случувањата.