Двете најголеми партии во земјава денеска ќе избираат нови лидери. Владејачката СДСМ на непосредни избори ќе го избира наследникот на Зоран Заев, а ВМРО-ДПМНЕ на конгрес ќе го реизбере Христијан Мицкоски, како единствен кандидат за претседател на партијата.
На денешните втори непосредни и директни внатрепартиски избори во СДСМ околу 50 илјади активни членови на партијата ќе го изберат петтиот лидер од 1992 година досега. Заев, по поразот на партијата на локалните избори, заминува од лидерската позиција по три мандати, а за негов наследник во трката влегоа тројца кандидати, Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски. Ова ќе бидат втори непосредни и директни внатрепартски избори.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, за денеска го закажа 17-от Конгрес што ќе се одржи во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Според најавата од партијата во 10 часот ќе почне регистрација на гостите, на делегатите и на претставници на медиумите.
Отворениот дел за јавноста ќе трае до 13 часот по што ќе следи затворен дел. Во рамки на затворениот дел на Конгресот е планирано и гласање и избор на претседател на ВМРО-ДПМНЕ за што единствен кандидат е Христијан Мицкоски кој се очекува да добие нов мандат од делегатите.
Во најавата од ВМРО-ДПМНЕ до медиумите, се наведува и дека во 17.30 часот продолжува отворениот дел за јавноста, во чии рамки ќе биде и обраќањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.