• Sat. Nov 23rd, 2024

Светски ден на книгата: Моќта на книгата е поголема од кога било досега!

Денеска, 23 април, се одбележува како Светски ден на книгата и авторското право. По тој повод секоја година се испраќаат милиони пораки кои ја истакнуваат важноста на книгата и исцелителската моќ на читањето. УНЕСКО традиционално од 1 до 23 април споделува цитати, песни и пораки, за да ја симболизира моќта на книгите и да го поттикне читањето колку што е можно повеќе.  „Со читањето  и со споделувањето знаења ние создаваме една поврзана заедница способна да се бори со осаменоста“, се вели во годинешната порака од УНЕСКО.

„Денес, повеќе од кога и да било, во време кога училиштата се затворени ширум светот и кога луѓето се во изолација, моќта на книгите треба да овозможи да се бориме против осаменоста, да ги засили врските меѓу луѓето и да ги прошири нашите видици, притоа стимулирајќи го нашиот дух и нашата креативност. Во текот на месецот април, како впрочем и низ целата година, многу е важно да се најде време за читање, самиот за себе или со децата. Ова е вистински миг да се истакнува читањето, да ги воспитуваме децата како идни читатели, да им ја пренесеме љубовта кон литературата, која ќе трае целиот нивни живот. Ги повикуваме студентите, наставниците, библиотекарите, читателите од целиот свет како и сите кои се вклучени во ланецот на книгите да посведочат и да ја изразат својата љубов кон читањето. Ние ве поттикнуваме да  споделувате информации за вашите омилени книги и да ја препраќате оваа позитивна порака во вашето опкружување #WorldBookDay and  #StayAtHome“, порачуваат од УНЕСКО.

Македонската порака ја напиша доктор Методи Чепреганов. Во своето обраќање тој порача„ Умот царува, а книгата го храни“.

„Конфучиј, многу одамна, во своите капитални и вековни дела напишал дека УМОТ ЦАРУВА, А МОЌТА И СНАГАТА СЕ ГУБАТ, и ја означил најмоќната прошетка низ цивилизациските психо-емотивни основи на животот со мислата: да живееш и да постоиш значи да учиш, да работиш, да твориш, да креираш, да создаваш, да умееш, да почитуваш, да те краси емпатија, флексибилност и толерантност, значи да имаш изграден свој психолошки профил со високо инкорпорирани норми во совеста на сопствената личност.

            Симбиозата на нашата психа и тело го сочинува нашето постоење, нашето огледало и експресија на мисловните капацитети и дела во нашите интерперсонални односи кон надвор. Тоа е нашата совест, фундаментален еволутивен процес при кој на психофизичката обдареност од мајката природа со текот на времето личноста насобира и во себе вградува воспитување, едукација, знаење, искуство, социјални, морални, етички и духовни норми. Таа постепено созрева во средината во која постои, во средината на фамилијата и на опкружувањето.  Тоа се насушните норми кои ја формираат психичката архитектура на една личност кои го креираат и формираат нејзиниот психо-профил.

            Модерната психологија, сознанието за зрела личност го надградува: во името на зрелоста со социјално кое означува збир од ментални процеси кои поддржуваат одредени наши социјални интеракции во нашите контакти со другите, со околината, со реалноста и со осмисленоста на специфичноста на нашите намери, планови, желби, замисли, верувања, емоции и дејства.

            Капацитетот на социјалната когниција во името на емоционална интелигенција, нè води сите нас и управува со нашето социјално однесување, со нашата адаптација, како многу значаен фактор во примањето, но и во одговорот на нашите соодветни и реални, или несоодветни хистерични и непромислени социјални интеракции“, вели во својата порака, доктор Чепреганов.

Од струмичката библиотека „Благој Мучето“ кои секоја година организираа настани по повод Светскиот ден на книгата со порака се обрати директорката Тања Гошева: „Почитувани читатели, почитувани вљубеници во пишаниот збор, во ова време не заборавивме да с епотсетимена Светскиот ден на книгата. Да не заборавиме да се потсетиме на Сервантес и Шекспир. Книгата релаксира, одмара, и она што постојано го велиме дека книгата е најверен другар кој никогаш нема да не излаже, нема да не изневери. Затоа, и денес кога сте во можност, прочитајте, другарувајте со книга. Ако се што имате дома е прочитано, а не можете да излезете за да позајмите или купите книга, читајте од она што е веќе дигитализирано“, порачува Гошева. 

      

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *