Новинарот Гоце Михајловски, главен и одговорен уредник во Канал5, објави дека е оздравен и дека ја добил битката со коронавирусот по еден месец откако беше констатиран дека е позитивен на КОВИД-19. Тој на својот ФБ профил го пренесе своетот искуство со ова болест од која во меѓувреме починал татко му.
,,Еден месец подоцна, битката ја добив, војната ја изгубив(ме)“–пишува Михајловски на својот Фб профил.
Тој пишува дека ,,во семејната куќа во Прилеп вирусот ,,влегол” кон крајот на март“.
,, Викендот 28-29 март бев во посета на родителите, неполни 24 часа, тогаш полицискиот час беше од 16 часот. Подоцна се покажа дека тоа е и последна средба со татко ми. Никој немаше никакви симптоми и не можеше ниту да претпоставиме дека ,,непријателот” е тука. Од каде дошол не знаеме, можеме само да погодуваме, ама тоа сега веќе е и ирелеватно.
Седум дена подоцна, на 5 април недела, додека сѐ уште бев на работа, попладнето околу 16 часот почувствував омалаксаност. Веднаш заминав дома (тоа беше мојот последен ден на работа), а вечерта добив покачена температура (38.4) и треска. Нормално, веднаш се појави стравот дека можеби ,,ова е тоа” за кое толку слушавме и зборувавме.
Вредно е да спомнам дека практично од петокот, помеѓу двете интервјуа, ми додеваше главоболка на која тогаш не и обрнав особено внимание со оглед дека ја имам често кога сум под стрес и под притисок. Траеше прилично долго, три дена. Не помагаа никакви апчиња, а исчезна дури неделата вечер, кога се појавија температурата и треската, па гледано од денешна перспектива можно е таа да беше поврзана со вирусот.
Претходните денови, во кои бев преокупиран со веќе познатите две интервјуа, повеќепати разговарав со татко ми за емисиите, но во ниту еден момент не се пожали дека има некакви здравствени проблеми. Но, во саботата на 4 април, мајка ми, помалку изнудено (да ме одврати од идејата да го однесам детето на чување неколку дена) и помалку бенигно, ми кажа дека заедно со татко ми 2-3 дена ,,имаат некоја настинка, повремено со покачена температура и трески”-вели Михајловски.
Тој вели дека на 6 април ја контактирал ординацијата на матичниот лекар. Ги кажал симтомите и информацијата дека неговите родители имаат слични такви.
,,Според електронскиот прашалник излезе дека нема доволно индикации да бидам тестиран (не знам дали е се уште истиот прашалник, но доколку е, тогаш е пропуст на системот кој мора итно да биде корегиран)“-раскажува тој.
Во меѓувреме се влошила состојбата на неговиот татко и бил примен во болницата во Прилеп, а наскоро однесен и на Инфективна клиника.
Кај Михајловски исто така се влошила ситуацијата и набргу ја изгубил свеста. И тој со повреда на брадата од падот, бил примен во болницата ,,Осми септември“, а веќе следниот ден е констатирано дека има коронавирус, исто како и неговиот татко.
По еден месец, Гоце Михајловски, излезе од болница, но неговиот татко ја изгубил битката со КОВИД 19 на 63 години.
Тој советува почитување на мерките и предупредува дека со КОВИД 19 нема играње.