Министерството за труд и социјална политика информира дека од денеска сите самохрани родители кои имаат плата и месечни приходи во износ до минималната плата утврдена со закон ќе бидат ослободени од плаќање партиципација за сместување на дете во детска градинка.
„Согласно со заложбите за поддршка на самохраните родители, содржани во програмата за работа на Владата на Република Македонија, министерката Мила Царовска го измени правилникот за условите, критериумите и начинот на остварување на правото на партиципација во трошоците за згрижување, воспитание, одмор и рекреација на деца во јавните установи за деца.
Во членот 3 од правилникот е предвидено дека ,,Правото на партиципација во јавна установа за деца – детска градинка се остварува за дете од семејство на самохран родител (aко еден од родителите е починат или не е познат или му е одземено родителското право или ако од други причини едниот родител е спречен да го врши родителското право), со плата и други месечни приходи во износ до минималната плата утврдена со закон.
Ги известуваме јавните установи за деца – детските градинки и сите самохрани родители кои ги исполнуваат законските услови за остварување на правото на партиципација да поднесат барање со потребната документација, наведена во правилникот, до јавната установа за деца во која детето престојува, односно е згрижено, за остварување на правото на партиципација. Правилникот е објавен во Службен весник на 20 март 2018 и на веб-страницата на МТСП“ се наведува во соопштението од министерството.