Наскоро, ќе започне ревитализацијата на спортската сала ДТВ „Партизан“ во Гевгелија. Со овој проект, Општина Гевгелија преку Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, во рамки на Проектот: „Подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Југоисточниот Регион“ аплицираше на Jaвниот повик од Бирото за регионален развој. По одобрувањето на Проектот, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и директорот на Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион, Ѓоко Камчев, потпишаа Договор за ревитализација на спортскиот објект ДТВ „Партизан“.
– Во 2021 година, заедно со проектантски тим извршив посета на ДТВ „Партизан“, којшто беше во доста лоша состојба. Веднаш, беше изработен идеен проект, а потоа следуваше и изработка на техничка документација – Oсновен проект за целосна реконструкција на спортската сала. Заедно со Ѓоко Камчев, директор на Центарот за развој на Југоисточен Плански Регион, ставивме потпис за реализација на уште еден проект од мојата предизборна програма. Овој општествено-значаен објект во центарот на Гевгелија, за брзо време, ќе добие нов лик. За реализација на истиот, се потребни вкупно 16.377.030 денари, од коишто Општина Гевгелија ќе учествува со 7.776.400 денари. Мојата заложба е целосна искористеност на сите меѓународни и домашни фондови за реализација на проекти коишто се од значење за граѓаните, истакна Сарамандов по потпишувањето на Договорот.
Проектот има за цел повторно ставање во функција на најстарата спортска сала во Гевгелија и нејзино отворање за младите спортисти за подготовка и реализација на нивните активности. Особено, ако се има предвид дека бројот на новите спортски здруженија се зголемува, коишто привлекуваат се поголем број на млади луѓе. Средствата за ревитализацијата на спортскиот објект ДТВ „Партизан“ во Гевгелија се обезбедени од Бирото за регионален развој преку Програмата за рамномерен регионален развој со индикативно планирани средства за 2024 година и Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година.