Расте интересот за вакцинирање кај граѓаните
Македонскиот центар за меѓународна соработка ги соопшти резултатите од истражувањето на јавното мислење според кои повеќе од половина од населението во земјава или 56,4 отсто има доверба во новите вакцини и е подготвено да се вцакцинира, што пак претставува зголемување на интересот во однос на анкетата спроведена во декември 2020 година, кога 38,7 отсто од граѓаните рекле дека е многу веројатно или веројатно дека ќе се вакцинираат.
Истражувањето е составено од три дела, во вториот се обработени ставовите за носење заштитна маска, ограничувањата и забраните за организирање настани, ставовите за работата на здравствените институции, работата на министерот за здравство и премиерот на државата како и ставовите за процесот на вакцинација и довербата во вакцините.
Што се однесува до мерките за заштита, според истражувањето, речиси сите испитаници се согласуваат со потребата од носење на заштитна маска во продавници и затворени објекти, додека пак мнозинство од нив, односно 61,6 отсто сметаат дека носење на маска е потребно и на отворено.
Вкупно 70,7 отсто сметаат дека наставата во образованието треба да се спроведува онлајн, а 82,7 отсто сметаат дека се потребни ограничувања во угостителските објекти. Највозрасните испитаници, над 65 години, во најголема мера сметаат дека има потреба од вакви ограничувања. Висока е и поддршката за забрана за свадби и настани во затворен простор која изнесува 85,1 отсто, но и забрана за свадби и настани на отворено застапена со 80,5 проценти.
Истражувањето покажува дека големо мнозинство од испитаниците, односно 73,5 проценти, сметаат дека Владата не реагирала соодветно и навремено при набавката на вакцините. Споредено со земјите во регионот, мнозинство од испитаниците, односно 65 отсто, сметаат дека нивото за вакцинирање во Македонија е под стандардот.