Младите ќе бидат во фокусот на проектот „Образование за вработување“ што беше промовиран денеска во Струмица. Проектот има за цел да овозможи повеќе граѓани, со посебен фокус на младите, да се стекнат со квалитетно стручно образование и обуки, како и да помогне во развојот на стручни вештини кои ќе придонесуваат кон зголемено вработување во земјава.
Во наредниот десетгодишен период, треба да се имплементираат одредени елементи од швајцарскиот во македонскиот образовен систем за развој на стручни вештини. Таков принцип е партнерството меѓу стручните училишта и приватниот сектор, како еден вид осигурување дека младите ќе се стекнуваат со вештини потребни на работодавачите, што ќе ги направи по конкурентни на пазарот на труд. Од Бирото за развој на образованието велат дека важна е оваа врска.
„Образование за вработување во Македонија“ ќе се фокусира на два кластера кои инкорпорираат различни економски сектори. Едниот е кластер на технологија и производство кој ги вбројува струките и вештините од областа на земјоделието, прехранбената технологија и машинството; додека другиот е кластер на услуги кој ги вбројува туризмот, но со посебен акцент на угостителството, личните услуги и здравство и социјални услуги.
Проектот е поддржан од Швајцарија, а е имплементиран од страна на Хелветас Македонија, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанската комора на Македонија, и има за цел да поттикне вработувања во земјата преку подобрување на стручните вештини кај младите.