Во врска со континуирано зголемените концентрации на загадувачки честички во воздухот во повеќе градови во Република Македонија, како и метеоролошките прогнози за следните денови, Владата на Република Македонија, покрај серијата мерки со кои се веќе задолжени надлежните министерства, во функција на заштита на здравјето на децата и во функција на скратување на времето на изложеност на загадениот надворешен воздух, донесе итна мерка за продолжување на траењето на зимскиот распуст.
Одлуката се однесува на сите ученици од сите јавни и приватни основни и средни училишта во Република Македонија, а истата е донесена преку итна координација на Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство.
Продолжување на траењето на зимскиот распуст за сите ученици ќе трае во времетраење од два дена, заклучно со вторник, 22 јануари 2019 година.
Училиштата ќе бидат во функција, учениците нема да посетуваат настава во наведениот период.
Во овој период Владата, пред сѐ, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство, ќе ја следат состојбата врз основа на која состојба, а во координација со Министерството за образование и наука ќе одлучат околу времетраењето на продолжувањето на зимскиот распуст.