• Sat. Nov 23rd, 2024

Претседателот Пендаровски за Илинден ќе биде во Скопје, ќе доделува одликувања

ByВане Трајков

Jul 26, 2022

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, за време на претстојниот празник Илинден ќе остане во Скопје, каде пригодно ќе го одбележи сеќавањето на илинденците, како и на првото заседание на АСНОМ.

– Претседателот Пендаровски ќе положи цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел и ќе се поклони на гробот на првиот претседател Киро Глигоров, на гробот на генерал Михајло Апостолски и на гробот на претседателот Борис Трајковски. На платото во Кабинетот на претседателот ќе се одржи церемонија на одликувања, а претседателот Пендаровски ќе се обрати до граѓаните. Делегации од кабинетот на претседателот ќе положат цвеќе на споменикот на АСНОМ, во паркот „Жена борец“, споменикот на Никола Карев пред зградата на Собранието на Република Северна Македонија, споменикот на Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“ – посочија за Плусинфо од Кабинетот на претседателот.

Од Кабинетот објаснија дека повеќе од деценија постои систем на ротација, според кој државниот врв го чествува 2 Август – Денот на Републиката.

– Одбележувањето на празникот e на три локации – Крушево, Пелинце и Скопје, за кои секоја година се менуваат претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата. Претседателот Пендаровски годинава ќе биде во Скопје, според системот на ротација, со оглед на тоа дека во 2021 година беше во Крушево, 2020 во Пелинце, а 2019 во Скопје – истакнаа од Кабинетот.

Оттаму додаваат дека делегации од кабинетот на претседателот ќе положат цвеќе во Крушево во „Македониум“, на гробот на Никола Карев, на Слива и на Мечкин Камен, во меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, како и во Смилево на могила на Даме Груев – обелиск, споменик на Смилевските илинденци – обелиск и пред спомен плочата на Партизанскиот одред „Даме Груев“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *