• Fri. Nov 22nd, 2024

Премиерот Заев на работен појадок со стопанственици на Република Словенија: Новите владини економски политики во делот на странските инвестиции се добра средина за развој на бизнис иницијативите од Словенија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, како дел од официјалната посета на Република Словенија денеска оствари средба со претставниците на стопанските комори на Република Словенија, како и со претставници на повеќе значајни компании од оваа земја кои покажаа интерес за можностите за инвестирање во Република Македонија, како и за соработка со компании од нашата земја.

Премиерот Заев ги запозна словенечките стопанственици со Планот за економски раст на Република Македонија, како и со другите аспекти на потенцијалите за инвестирање во нашата земја.

Владата на Република Македонија во делот на поддршката на странските инвестиции е подготвена да учествува во субвенционирањето на гринфилд и браунфилд инвестиции кои ќе отворат нови работни мест, ќе воспостават соработка со македонски компании за суровини, услуги и репроматеријали, кои ќе бидат извозно ориентирани и кои ќе бидат еколошки чисти индустрии.

  • Сакаме да ве увериме дека Република Македонија, со новите владини политики во економската сфера и во делот на странските инвестиции, може да ви понуди добра средина за развој на вашите бизнис иницијативи – истакна премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија потоа ги запозна словенечките стопанственици на работниот појадок со министрите за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, кои споделија информации за кои беа заинтересирани претставниците на деловниот живот на Република Словенија.

Претставниците на бизнис заедницата на Република Словенија со одобрување ги примија новите можности од Планот за економски раст и покажаа интерес за инвестирање во металопреработувачката индустрија, во електронската, во сферата на енергетиката и автомобилската индустрија, посебно во делот на електричните возила, како и за можностите за развој на деловни активности во животната средина и фармацевстката индустрија.

Словенечките бизнисмени покажаа интерес и за нови иницијативи во финансискиот и осигурителниот сектор.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *