Граѓаните на Општина Валандово преку Форум на заедниците ќе имаат можност да предлагаат, разработат, а потоа и да изберат проекти од важност за заедницата од областа социјална инклузија. Првата форумска сесија е закажана за во вторник (20.11.2018), во 11 часот, во холот на гимназијата „Гоце Делчев“ во Валандово.
Граѓаните ќе одлучуваат за проекти, што ќе бидат финансирани од фондот вреден 50.000 швајцарски франци (CHF), обезбеден преку проектот „Зајакнување на општинските совети“, имплементиран од УНДП, а финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
Втора компонента на овој проект е зајaкнување преку мали грантови за приоритетни мерки на општините, избрани преку јавни консултации. Ќе бидат финанисрани проекти, кои ќе придонесат за поголем социјален импакт, обезбедат еднакви можности за мажите и жените, ќе воспостават партнерства помеѓу организации и граѓани и кои ќе бидат одржливи и по престанок на финансирањето од општината.
Општината Валандово е една од шесте општини од првата, подготвителна фаза на УНДП од проектот „Зајакнување на општинските совети“, во рамките на кој до завршувањето во 2020 година, ќе бидат опфатени вкупно 24 општини.
До сега серија обуки поминаа членовите на општинските совети. Целиот проект е вреден 3,4 милиони швајцарски франци (CHF).