• Wed. Nov 27th, 2024

Прв извештај на набљудувачите од ЦИВИЛ

Набљудувачите на ЦИВИЛ започнаа со својот мониторинг на над 150 локации низ целата земја. Тие пријавија дека избирачките места отвориле на време, со исклучок на неколку што доцнеле по неколку минути, во рамките на дозволеното. Првите два часа поминаа мирно и без инциденти, според 160-те акредитирани мобилни набљудувачи на ЦИВИЛ.

Мониторингот на ЦИВИЛ бележи неколку помали нерегуларности. Првиот извештај од мониторингот се очекува на прес конференцијата во 10 часот, во прес центарот на ЦИВИЛ, сместен во клубот Менада, Стара Чаршија во Скопје. Прес конференции со извештаи од набљудувачите на ЦИВИЛ на терен, ќе се организираат во 10, 12:30, 17:45 и 19:30 часот. ЦИВИЛ ќе одржи и две панел дискусии во 20 часот и во 21:30 часот.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности од секаков вид. Притисоци, закани, уцени, корупција, поткуп, злоупотреба на јавните ресурси или службената положба, кршење на изборниот молк, незаконито работење на изборната администрација, агитација и пропаганда, говор на омраза, лажни вести, проблеми со Избирачкиот список, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.

Пријавите може да поднесуваат деноноќно, на веб страницата Слободни избори, по електронска пошта (civil@civil.org.mk), во порака на Фејсбук или на телефоните 02 / 5209 176, 070 734 044.

На самиот почеток на денот, организацијата објави порака на Фејсбук страната: „Добро утро, почитувани граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија. Ви посакуваме мирни и достоинствени, слободни и фер избори. На набљудувачите на ЦИВИЛ, МОСТ, ИНКЛУЗИВА и сите други организации што ги набљудуваат изборите, им посакуваме пријатна и спокојна работа. ЦИВИЛи, ви благодариме за навремениот почеток на работата и за вашите први пораки и извештаи од теренот. Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани да се јават во ЦИВИЛ, доколку забележат нерегуларности во текот на гласањето.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *