После општина Дојран, и Гевгелија смета дека има услови за настава со физичко присуство и комбиниран модел за учениците во оваа општина. Советот на општина Гевгелија на вонредна седница ги разгледа барањата од петте основни училишта и Средноучилишниот центар во општина Гевгелија, за организирање на настава со физичко присуство на учениците. Имено, во сите основни училишта постојат услови за организирање настава за учениците од прво до трето одделение. Но, заради исполнетост на условите по Протоколот за постапување на основните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година, како и мислењата од Наставнички совет, Совет на родители и Училишниот одбор, поднесени се барања за организирање настава со физичко присуство или со комбиниран модел за другите ученици.
Така, ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија бара Министерството за образование и наука, односно Комисијата за разгледување на поднесените барања за организирање на настава со физичко присуство да го прифати барањето за изведување настава и тоа за учениците од прво до петто одделение во Централното училиште и за учениците во ПУ во Моин со целосно физичко присуство. Додека, за учениците од шесто до деветто одделение се бара комбинирано изведување настава и тоа половина паралелка со физичко присуство, а другата половина од паралелката со учење од далечина кои ќе се менуваат на неделна основа.
ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија бара организирање на настава со физичко присуство за учениците од прво до петто одделение во Централното училиште и за учениците во ПУ во Мрзенци и ПУ во Богородица. Додека, за учениците од шесто до деветто одделение, за комбинирано изведување настава и тоа половина паралелка со физичко присуство, а другата половина од паралелката со учење од далечина кои ќе се менуваат на неделна основа. ООУ „Климент Охридски“- Миравци бара организирање на настава со физичко присуство за сите ученици од прво до деветто одделение, како во Централното училиште, така и во подрачните училишта во: Давидово, Милетково и Смоквица. ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци бара организирање настава со физичко присуство за сите ученици од прво до деветто одделение во Централното училиште и за учениците во ПУ во: Прдејци и Кованец. Додека во Oсновното музичко училиште „Васо Карајанов“ – Гевгелија постојат услови за организирање настава со физичко присуство на учениците од прво до деветто одделение, поради што е доставено барање.
Исто така, доставено е барање и од СОУ„Јосиф Јосифовски“ за комбинирано изведување на наставата и тоа согласномислењата од Наставнички совет, Советот на родители и Училишниот одбор. Во овој Средноучилишен центар, како што стои во брањето, постојат услови за комбинирано изведување настава за сите ученици од прва до четврта година и тоа, половина паралелка со физичко присуство, а другата половина од паралелката со учење од далечина, така што ќе се менуваат на неделна основа.
Советот на Општина Гевгелија утврди мислење сите барања да бидат доставени до Комисијата за разгледување на поднесените барања за организирање на настава со физичко присуство на Министерството за образование и наука која по извршениот увид, ќе се произнесе по поднесените барања. Односно, дали на училиштата во Општина Гевгелија ќе им биде дозволено организирање настава со физичко присуство, покрај за учениците од прво до трето одделение и за другите ученици со физичко присуство или за онлајн следење на наставата.