Почнува поднесувањето барања за поддршка од земјоделскиот Интервентен фонд
Земјоделските стопанства од денеска ќе можат да поднесуваат барања за финансиска поддршка од Програмата за спроведување на Интервентниот фонд, соопшти Платежната агенција.
Со Програмата е предвидена финансиска поддршка за трошоци за набавка на вештачки ѓубриња, за предадено јагне и заклани гоеници во регистриран кланичен капацитет, како и за одгледување кокошки несилки, за што се обезбедени 400 милиони денари.
Барањата за финансиска поддршка за вештачки ѓубриња ќе се поднесуваат најдоцна до 31 мај 2022 година, а барањата за несилки до 30 април 2022.
-Барањата за финансиска поддршка за трошоци за набавка на вештачки ѓубриња во производството на пченица, јачмен, пченка и сончоглед ќе се поднесуваат во електронскиот систем на Агенцијата. Барателите на кои им е потребна помош при пополнување на електронското барање за помош можат да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во прилог на барањето како доказ се доставуваат финансиски документи за набавеното ѓубре во период од 1 декември 2021 година до 31 мај 2022 година, наведува Агенцијата.
Висината на финансиската поддршка изнесува 2.500 денари по хектар за јачмен и сончоглед, односно 4.000 денари по хектар за пченица и пченка за користено гранулирано ѓубре. Висината на финансиската поддршка изнесува 400 денари по хектар за користено течно ѓубре. Исплатата ќе се врши еднаш неделно, по обработка на примените барања.
Според Агенцијата, барањата за финансиска поддршка за одгледување несилки ќе се поднесуваат со рачно пополнување. Притоа, треба да се достави потврда за бројна состојба на кокошки несилки издадена од официјален ветеринар. Висината на финансиската поддршка е 60 денари по несилка.
Финансиската поддршка за предадено јагне и заклани гоеници во регистриран кланичен капацитет ќе се извршува врз основа на податоци кои до Агенцијата ќе ги доставуваат регистрираните кланични капацитети, без претходно поднесено барање. Висината на финансиската поддршка изнесува 400 денари по грло предадено јагне во период од 1 јануари до 31 мај 2022 година. Висината на финансиската поддршка изнесува 1500 денари по гоеница со тежина над 90 килограми заклана во период од 1 февруари до 30 април 2022 година.