Почнува запишувањето во средните училишта
Запишувањето во прва година средно образование во учебната 2021/2022 година почнува денеска и ќе трае во наредните три дена. Според Конкурсот на Министерството за образование и наука, во јавните средни училишта слободни се 30 053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта.
Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши согласно распореди подготвени од училиштата. Во јунскиот уписен рок има три пријавувања и запишувања – првото е на 14 јуни од 12 до 19 часот, на 15 и 16 јуни училиштата ќе примаат пријави од 7 до 19 часот и на 17 јуни – од 7 до 15 часот.
Ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 17 јуни по 16 часот. Квалификациското тестирање ќе се организира во училиштата на 21 јуни 2021 година и тој ден ќе бидат објавени конечните ранг-листи со резултатите. Второто пријавување овој месец е на 23 и 24 јуни, а третото е на 30 јуни.