• Fri. Nov 22nd, 2024

Почна акција за ослободување на заробени дрвја во Скопје

Градот Скопје во соработка со општините Центар, Карпош, Чаир и Аеродром денеска почна акција за ослободување поголем број заробени дрвја од градежен материјал при нестручно изведени градежни активности на јавните површини. Акцијата почна на улицата Орце Николов во Дебар Маало, каде што има голем број заробени дрвја со бекатон-плочки и друг градежен материјал.

„Во јануари годинава со Шумарскиот факултет потпишавме меморандум за соработка за ослободување 841 дрво, дрвја кои се заробени со градежен материјал. Со задоволство можам да истакнам дека до крајот на оваа сезона сите 200 дрвја кои се во надлежност на Град Скопје ќе бидат ослободени. Им помагаме и на општините да влезат во засилен процес на ослободување на дрвјата. Најмногу заробени дрвја има на територија на општина Центар, особено овде, во Дебар Маало. Во лудата урбанизација на овој дел од нашиот град во целост беше заборавена животната средина. Големите и развиени дрвја се природен прочистувач на воздухот и ние ќе направиме сè што е во наша моќ да ги заштитиме тие дрвја“, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на почетокот на денешната акција.

Тој додаде дека е интересно што во општината Аеродром се мапирани само 20-тина заробени дрвја, па се очекува во таа општина акцијата да заврши во текот на денешниот ден.

„Управувајќи со системот на Град Скопје, при градежните работи што ги изведуваме водиме сметка повеќе ниту едно дрво да не биде заробено и годинава да успееме да ги ослободиме сите заробени дрвја кои беа мапирани“, нагласи Шилегов.

извор:makfax

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *