• Sun. Nov 24th, 2024

Потпишан протокол за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за Сити колеџот во Солун за академската 2019/2020 година

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерот за образование и наука на Република Северна Македонија, Арбер Адеми и директорот на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд од Велика Британија, Сити Колеџ, лоциран во Солун, Грција, Јанис Верверидис, денеска го потпишаа протоколот за соработка за доделување на стипендии „Борис Трајковски” за академската 2019/2020 година.

Потпишаниот протокол предвидува нивна заедничка соработка за академската 2019/2020 година со цел да се обезбедат дваесет стипендии за Извршната програма на Универзитетот Шефилд за бизнис администрација која се реализира во Солун, Грција, а во рамките на стипендиите „Борис Трајковски“.

Секоја стипендија поединечно е во висина на уписнината на Сити колеџот и изнесува 14.890 евра при што педесет проценти обезбедува Владата на Република Северна Македонија, а другите педесет проценти ги обезбедува Универзитетот „Шефилд”.

Студентите по завршувањето на оваа програма ќе се стекнат со дипломи од Универзитетот Шефилд, Велика Британија, за мастер студии по деловна администрација.

Изборот на кандидати за доделување на овие стипендии ќе биде спроведен заеднички од страна на Претседателот, Министерството за образование и наука, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и „Сити Колеџот“, преку заедничка комисија составена од по еден нивни претставник, во согласност со условите за прием на Универзитетот Шефилд и законските прописи на Република Северна Македонија.

Преку оваа програма досега дипломирале околу 1000 студенти. Мнозинството од нив својата кариера ја градат во Република Северна Македонија, а приближно 250 се наоѓаат на раководни позиции во нашата држава.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *