На прием кај градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, беа победниците на Годинешниот турнир во пинг-понг, којшто го организираше ОО Црвен крст – Гевгелија. На средбата од страна на градоначалникот Сарамандов беше прифатена иницијативата за основање на Спортски пинг-понг клуб во општина Гевгелија, презентирана од ентузијасти, љубители на пинг-понг спортот, со цел натпреварување во Македонските спортски лиги.
На Дводневниот турнир во пинг-понг, којшто беше со хуманитарен карактер, а се одржа во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија, учествуваа 32 натпреварувачи од Гевгелија и соседните населени места. По одигрувањето на 78 пинг-понг натпревари, најдобри беа Кристијан Бојмалиев и Момчило Делев од Негорци во категоријата Поединци. Во категоријата Парови, најуспешни беа двојките на Homemade Негорци и „Моки Мебел“.