Претендентите за освојување на републиканската и на демократската кандидатура за претседател на САД, Тед Круз и Берни Сандерс победија на вчерашните партиски прелиминарни избори во американската сојузна држава Висконсин.
Републиканецот Тед Круз изјави дека неговата победа на првичите избори во Висконсин со освоени 49 проценти од гласовите, наспроти 34-те отсто за Доланд Трамп, покажува дека Републиканската партија почнува да се обединува околу него.
Сепак тој призна дека е реална можноста битката за партиската претседателска кандидатура да продолжи дури до Националната конвенција во јули.
- Оваа вечер беше пресвртната точка. Или пред Кливленд или на самата Конвенција во Кливленд, ние заедно ќе освоиме мнозинство од делегатите и заедно ќе ја победиме Хилари Клинтон во ноември. Ќе победиме бидејќи ја сплотуваме Републиканската партија, изјави тој синоќа пред неговите приврзаници во Милвоки.
Конзервативниот сенатор од Тексас беше во Висконсин доби поддршка од гувернерот на сојузната држава, републиканецот Скот Вокер, кој се откажа од сопствените претседателски амбиции во септември, а му помогна и ударната кампања со рекламни спотови финансирани од Супер-ПАЦС, независни спонзори, поддржани од водечки партиски фигури, кои стравуваат дека Трамп ќе ги доведе републиканците до катастрофален пораз во ноември.
Штабот на Трамп го обвини Круз дека победил благодареие на „нечесните милиони долари и лажни реклами“.
Претендентот за кандидатура на Демократската партија Берни Сандерс, пак, во Висконсин освои со 56 отсто од гласовите, додека Хилари Клинтон освои 44 проценти, но сепак таа засега има голема предност во бројот на освоените делегатски гласови.
Ова е шестата победа на Сандерс во изминатите седум гласања за номинација.
Тој повторно ги привлече гласовите на младите, 81 отсто од младите од 18 до 29 години гласале за него, според првичните анкети.
Сандерс ќе се соочи со тежок предизвик да победи на 19 април во Њујорк и во уште пет други источни држави на 26 април.
Клинтон, која вчера лично не се појави во Висконсин го призна поразот на Твитер.
Таа изминатите денови е фокусирана на државата Њујорк, во која беше сенатор од 2001 до 2009 година и каде според анкетите е фаворит за победа.
Според Си-Ен-ЕН, Клинтон располага си 1.771 делегати, наспроти 1.092 за Сандерс, вклучувајќи ги и 500-те супер делегати, кои и ја гарантираа својата поддршка на Демократската национална конвенција во Филаделфија. Мнозинство неопходно за освојување на номинацијата е 2.383 гласови.