Струмичките основци од „Никола Вапцаров“ преку свои изработки и идеи бараа решенија на некои од најгорливите светски проблеми. Младите умови уредуваа филмови, правеа презентации и нудеа свои идеи како да се решаваат проблемите и предизвиците на иднината.
Овие активности се дел од глобалниот проект „Inovate your dreams“ кој пред се’ сака да им помогне на учениците да се подготват за професиите на иднината, но притоа се занимаваат и со најголемите предизвици на денешницата, затоа што токму овие деца се надежта за подобра иднина на светот. Од нив еден ден ќе зависат многу одлуки и правилната насока денес е од суштинско значење.
Проектот започна во јануари и траеше до 11 март а опфати наставници од најразлични точки на светот: франција, Русија, Балканот, Пакистан и др.
Идејата тргна од Пакистанецот Курам Шезад кој ги водеше наставниците низ проектот и им даваше насоки и теми за работа: преку технологија, иновации, до екологија и проблемите со светската сиромаштија.
Од училиштето Никола Вапцаров учествуваа наставниците: Љопче Илиева, Нина Мицев, Билјана Гунова и библиотекарката Наташа Цонева.
Наташа Цонева за Канал Вис изјави дека е вистински предизвик да се биде дел од ваков проект, бидејќи иако не им предава на децата, овие месеци изградиле посебна врска и се’ уште доаѓале во библиотеката по нови задачи и задолженија иако проектот е завршен, а тие се оптоварени со многу училишни задачи.
Ваквите проекти покажуваат дека децата многу полесно учат низ проектни активности и самостојни или групни истражувања и дека образованието е нужно да се развива во таа насока.
Денеска вклучените ученици во проектот ги добија сертификатите за учество во проектот „Innovate your dreams“.