Пред споменикот на Гоце Делчев, денеска, општина Струмица со пригодна свеченост го одбележа 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.
За историографијата на празникот и неговото значење пред присутните зборуваше Александар Ненчев, член на Советот на општина Струмица, кој меѓу другото, рече:
„Овој ден е ден – стожерник во нашиот современ времеплов. Овој ден е ден – надежник за нашата истрајност во чекорењето по трнливиот пат на нашиот опстој. Овој ден за некого беше само недосонуван сон, а јавето на македонската независност имавме среќа да го видиме и почувствуваме токму ние – сведоците на случувањата кои го одбележаа овој историски чин. Овој ден не само што е вреден за паметење и чествување, туку спаѓа во големото тројство на македонскиот времеплов, заедно со Илинден – 1903 и АСНОМ – 1944 година. Можеби токму затоа Денот на независноста на нашата татковина многумина го нарекуваат „третиот Илинден“. Татковината пред три години стана 30-та членка на НАТО, а и надежите за отворање на преговорачката рамка за членство во ЕУ добиваат реална основа за достигнување. Оптимизмот е тој што треба да не крепи, со надеж дека во следните одбележувања на Денот на независноста, ќе зборуваме за реални значајни исчекори кои ќе испишуваат нови убави страници во нашата нова заедничка историја“.
По положувањето свежо цвеќе пред споменикот на Делчев, се одржа мал митинг на револуционерна поезија на кој учествуваа членовите на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“.